Северна и Јужна Кореја се согласија дека заеднича цел ќе им биде целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров и прогласување службен крај на Корејската војна (1950-1953).
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин потпишаа денеска декларација за вложување заеднички напори за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
Со декларацијата се одлучија да означат и крај на војната меѓу двете држави.
– Сакам тоа да биде можност за народите на двете Кореи за слободно движење меѓу државите. Мораме да преземеме одговорност за сопствената историја. Нема причина меѓусебно да се бориме, ние сме една нација, изјави Ким на историскиот самит.
Тој вети дека нема да се повтори „несреќната историја“.
– Почнува ново време на мир, нагласи Ким на крајот од денот полн со симболика.
– Нема причина да војуваме, ние сме една нација. Ние сме ист народ, една крв. Тоа не може да се раздвои, потенцираше Ким.
На крајот од првиот самит по повеќе од 10 години двете страни најавија дека ќе потпишат договор за востапоставување траен и цврст мир на полуостровот.
Во декларацијата е вброено и намалување на воените потенцијали во фази, прекин на непријателствата „на копно, море и воздух“ и претворање на утврдената граница во зона на мир и мултиратерални разговори со други држави како САД.
Двата лидера по потпишувањето на декларацијата се прегрнаа со порака „да нема веќе војна на Корејскиот полуостров“.
Во заедничката изјава по самитот, најавена е посета на Мун на Пјонгјанг.
Според изјавата, двете држави ќе органзираат во август спојување на семејства развоени од Корејската војна.
Пред донесувањето на декларацијата двајцата лидери водеа сериозни и искрени разговори што траеја повеќе од 90 минути.
Засега не е утврдено како ќе се спроведе денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров.
Ким и Мун ќе имаат директна телефонска линија и ќе отворат претставништва во двете држави.
Ќе се прекине и емитувањето пропагандни пораки на границата од 1 мај.
Во мај се договорени и разговори на двете армии за да се намалат тензиите дополнително.
Пред крајот на самитот заедно посадија бор стар 65 години на воената линија на разграничување. Дрвото датира од времето на Корејската војна и ќе биде симбол на мирот и напредокот.
Ким Џонг-ун е првиот севернокорејски лидер кој преминал на тло на Јужна Кореја од Корејската војна. Местото на средбата, селото Панмунџом е едно од ретките места на границата без бодликава жица и мински полиња.
- Возбуден сум од средбата на ова историско место и навистина е убаво што дојдовте се до линијата на раздвојување за да ме пречекате лично, рече Ким додека ја прифаќаше испружената рака на Мун.
– Ваша е големата одлука да се случи ова, одговори Ким додека го повикуваше Ким да стапне на тло на Јужна Кореја.