– Нашиот сон е држава на среќни граѓани, со квалитетно образование, достоинствено здравство, држава со сигурна иднина за младите. Оваа Влада тоа не може да го донесе. Но има кој може и кој знае. ВМРО-ДПМНЕ се обединува околу идејата за напредок, прогрес и силна Македонија – вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Тој на социјалните мрежи само кусо говори за сонот на генерацијата, а во иднина и поопфатно ќе ја разложи својата идеја.

– Ми велат неколку пати го споменувате сонот на нашата генерација и прашуваат што значи тоа. Еве овој пат само кусо ќе кажам, а во иднина и поопфатно ќе образложам. Сонот на мојата генерација е да не бидеме место каде Потпретседателот на владата ќе се заканува на новинари и други неистомисленици само затоа што ја кажуваат вистината, да не бидеме место каде владините институции ќе ги делат новинарите на подобни и неподобни, на оние кои може и оние кои не може да поставуваат прашања, да не бидеме место каде медиумите се под притисоци, а политичката елита на власт владее со политички терор и страв, затворите наместо со криминалци се полнат со политички затвореници и држава која тоне во поделби и вештачки теми кои продицираат конфликти на етничка основа, да не бидеме место каде законот за јазици ќе биде поважен од тоа што има на трпезата во семејствата кои врзуваат едвај крај со крај – напиша Мицкоски на социјалната мрежа фејсбук.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2018 01:47