Интегрален текст од изјава за медиуми на Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Градот Скопје станува главна депонија во Македонија во која треба да се слеваат депониите и од другите градови во државата што е недозволиво и со катастрофално влијание по однос на животната средина.

Имено во Скопската депонија Дрисла се транспортира ѓубрето од Тетово, а најново е што од страна на општина Струга е објавен јавен тендер за избор на компании кои ќе постават контејнери и ќе го пренесат сметот од депонијата во Струга.

Исто така беше кажано дека за целава активност во игра e депонијата Дрисла, и мислиме дека ова е премногу сериозна работа и дека ова е нешто што не треба да се премолчи, туку напротив треба да се стопира.

Имено, ако се земе во предвид фактот дека целосната кампања на градоначалникот Петре Шилегов и ударниот момент од таа кампања за што ја доби довербата на граѓаните на град Скопје беше екологија и чист воздух, за нас ова е вознемирувачко и недоследно за она што се ветуваше и за она сега што се случува.

Едно од прашањата е дали градоначалникот на град Скопје дозволи и даде одобрение за одлуката сметот од депонијата Струга да се носи во град Скопје во Дрисла?

Второ дали имаат направено анализа какво влијание тоа ќе има врз животната средина?

Трето дали се во прашање приватни бизнис интереси на луѓе блиски до власта кои треба да профитираат од сето ова?

Се работи за тони и тони отпад во распаѓање што ќе има катастрофално влијание врз здравјето не само на граѓаните од околината на Дрисла туку и на граѓаните кои живеат во Скопје.

Дали носењето на отпад во Скопје е предмет на коалициски договор СДСМ-ДУИ?

Скопје не може да стане главна депонија во државата, Шилегов и власта да ја повлечат идејата за транспортирање на отпадот од Струга во Дрисла.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2018 14:55