Американскиот државен секретар Мајкл Помпео денеска во Ријад ја истакна потребата за единство во Персискиот Залив, во момент кога Вашингтон се обидува да добие поддршка од сојузниците за нови санкции кон Иран.

Тој наведе дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор постигнат со Иран во 2015 година доколку Вашингтон не се договори со европските партнери да се измени мултилатералниот договор со Техеран.

- Иран го дестабилизира целиот овој реон. Таа земја поддржува милиции и терористички групи. Ги снабдува со оружје бунтовниците Хути во Јемен. И го поддржува убиствениот режим на сирискиот претседател Башар ал Асад, истакна Помпео.

Тој зборувајќи за раздорот помеѓу некои заливски земји и Катар наведе дека е „неопходно единство во Персиски Залив и мора да се постигне“.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп докуметот со Иран го оцени како „најлош договор склучен некогаш“ и се закани дека ќе воведе нови санкции кон Техеран, освен ако европските сојузници Велика Британија, Франција и Германија не се согласат на измени. Повторното воведување на санкции кон Иран, најверојатно би значело крај на договорот.

Русија, Кина, Германија, Велика Британија и Франција мултилатералниот договор го оценуваат како најдобар начин да биде запрен Техеран да разработи нуклеарно оружје.

Помпео по средба со министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел во петокот, изјави дека американскиот претседател се уште не донел одлука дали ќе се повлече од договорот со Иран.

Аналитичарите оценуваат дека Помпео е поостар кон иранската Влада од неговиот претходник Рекс Тилерсон, кој сакаше САД да не се повлчекуваат од нуклеарниот договор со Иран.

Помпео по посетата на Саудиска Арабија, ќе ги посети Израел и Јордан.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2018 21:47