Соопштение до јавноста на тема на јавен и државен долг

Задолжувањето ги урна психолошките граници за помалку од една година од владеењето на економското цунами наречено влада на Заев. Државата тоне во долгови, а капитални инвестиции нема. За прв пат во историјата на Република Македонија јавниот долг скокна над 5 милијарди евра, а државниот над 4 милијарди евра.

Заклучно со последните информации кои ги објавува министерството за финансии за првото тромесечие во 2018 година, и покрај фризирањата преку вештачки напумпаните проценки на БДП, јавниот долг ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра, односно изнесува над 5 милијарди и 84 милиони евра. Државниот долг исто така ја надмина психолошката граница од 4 милијарди евра и сега тој изнесува над 4 милијарди и 270 милиони евра.

СДСМ, Зоран Заев и министерството за финансии ја лажеа јавноста за состојбата на долгот на Република Македонија. Лажеа, но не успеваат ниту со лажење да ја покријат катастрофалната економска политика која ја спроведуваат на дело.

Граѓаните ги задолжуваат за да си обезбедат пари за расипничкото однесување и тендерите кои си ги делат меѓу себе. Корупцијата цвета, картелот се богати, а пари за повисоки пензии и плати нема.

Сите во државата страдаат од неспособноста и незнаењето на оваа влада, освен фирмите на Заеви и Анѓушев кои метастазираат како канцер во македонската економија. Животот за нив можеби е дојден, ама не и за македонските граѓани, кои поради оваа неодговорна власт на СДСМ се натоварени со рекорден државен и рекорден јавен долг.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2018 15:19