Во координиран двоен напад и уште еден насочен против воен конвој, во Авганистан денеска загинаа најмалку 37 лица, меѓу кои девет деца и 10 новинари.

Во нападите, за кои одговорноста ја презеде терористичката „Исламска држава“ повредени се уште најмалку 60 лица, меѓу кои и шестмина новинари.

Меѓу загинатите се и еден фоторепортер на Франс прес и еден новинар на Би-Би-Си.

Портпаролот на кабулската полиција Хешмет Станкзаи потврди дека во двојниот напад се убиени и четворица полицајци, додека авганистанска невладина организација соопшти за убиство на деветмина новинари.

Експлозиите се случија денеска утрово во подрачјето Шаш Дарак. Во првата експлозија, бомбаш-самоубиец се разнесе во близина на Националниот директорат за безбедност (НДС), главната авганистанска разузнавачка агенција, соопшти Министерството за внатрешни работи. Во тој напад загинаа четири лица, а петмина се повредени.

Втората експлозија следуваше после 20 минути, а цел на вториот бомбаш-самоубиец беа медицинските работници од итната помош и новинарите кои пристигнаа на местото на настанот, по првата експлозија. Во втората експлозија загинаа десетмина новинари, а портпаролот на Министерството за здравство информираше дека во двата напади загинале најмалку 26 лица, а 49 се повредени.

Во трет напад на бомбаш-самоубиец насочен против воен конвој во областа Даман, загинаа 11 лица, меѓу кои најмалку девет деца од муслиманско верско училиште.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани остро го критикуваше двојниот напад во Кабул, оквалификувајќи го како воено злосторство.

Европската комисија, исто така, ги осуди нападите во Авганистан.

- Дури и во војна има закони - новинарите и цивилите никогаш да не бидат цел на напад, изјави портпарол на Еврокомисијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2018 16:05