Околу 10 илјади лица протестираа денеска во Москва против неодамна воведените ограничувања на слободата на Интернет во Русија.

Демонстрантите излегоа на улиците во Москва, носејќи транспаренти со натписи „За слобода на говорот“ и „Долу царот“.

Повеќе говорници од бината го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека ја ограничува слободата на Интернетот, а на протестот говореше и опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Руските власти месецов почнаа да ја блокираат популарната апликација за испраќање пораки „Телеграм“, откако администраторот на апликацијата, поради заштита на приватноста, одби на властите да го предаде „клучот“ за дешифрирање на податоците.

Компанијата, во чија сопственост е „Телеграм“ најави дека ќе ја одржува апликацијата и покрај забраната воведена од руските власти.

Основачот на „Телеграм“, рускиот претприемач Павел Дуров објави на социјалните мрежи дека денешниот собир е „без преседан“ и оти е „горд што е роден во иста земја“ како и демонстрантите.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2018 16:53