Светскиот мајстор на смут-џезот, пијанистот Боб Џејмс, со своето трио в сабота на 5 мај ќе одржи два последователни концерта во Скопје.

Првиот ќе се одржи со почеток во 19.30 часот, а следниот истата вечер, со почеток во 22 часот на сцената на Македонската филхармонија. Боб Џејмс ќе настапи заедно со Мајкл Палацоло на бас и Патрик Вилијамс на тапани.

Во текот на својата долга и разнолика музичка кариера и како соло артист и како дел од својот квартет и трио, Боб Џејмс има издадено над 50 албуми. Еден од најголемите куриозитети поврзани за овој композитор, музичар и продуцент, препозналив по својот оригинален смут-џез, е фактот што многу негови познати нумери имаат извршено длабоко влијание врз хипхоп-музиката, особено онаа од 80-тите и 90-тите години. Многу семплови од неговите препознатливи нумери ги имаат преземено Run – D.M.C., Eric B. & Rakim, LL Cool J, DJ Jazzy Jeff, Beastie Boys… Можеби една од најпознатите песни на Џејмс од 1981 година, Sign of the times, беше семплувана од предводниците на G-funk жанрот Warren G and Nate Dogg во синглот Regulate од 1994, кој потоа стана светски хит и една од највлијателните нумери во овој музучки правец.

Како што информира организаторот на настанот, концертната агенција и продукција „3 гонга“, концертите во Скопје се дел од големата турнеја на познатиот пијанист, кој со своето трио настапува во целиот свет.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2018 01:01