Европската Комисија се надева дека „многу скоро“ ќе може да се реши проблемот со двојните стандарди на прехранбените производи помеѓу источна и западна Европа, изјави синоќа еврокомесарката за правда Вера Јурова, на конференција во Софија.

На 11 април годинава Европската Комисија предложи ново законодавство („Нов дил за потрошувачите“) кое треба да им стави крај на тие двојни стандарди на квалитет, со цел да се заштитат потрошувачите и да прекинат нефер практиките на приватните компании ширум Европа.

-Не смеат да постојат потрошувачи од втор ред, тоа е неправедно и понижувачки, изјави Јурова за новинарите.

Според повеќе компаративни анализи на прехранбените производи во западна и источна Европа утврдено е дека тие не само што немаат ист квалитет туку оние со понизок квалитет на Исток чинат поскапо. Па така, одредени марки на кафе, на пример, продаваат кафе со иста марка на сите пазари во ЕУ, но кафето во источна Европа содржи помалку кофеин и повеќе шеќер, истакна бугарската министерка Лилјана Павлова. Таа објасни и дека дури и бебешката храна е со понизок квалитет на Исток, но чини 35 отсто поскапо.

Проблемот е што овие двојни стандарди се сосема легални за сега во Европската Унија сѐ додека состојките се јасно истакнати на производите. Оттука иницијативата на ЕК за овој “Нов дил“ преку кој треба да се зацврстат правата на потрошувачите, да се хармонизираат санкциите, да им се овозможи да потрошувачите поднесуваат жалби и да добиваат отштети доколку оценат дека биле измамени.

Во тој контекст еврокомесарката за правда потсети дека е важно и самите потрошувачи во источна Европа да се мобилизираат и да си ги бараат правата, и со тоа да се притиснат и земјите членки, и приватните компании кои спроведуваат двојни стандарди.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, чија земја претседава со ЕУ до крајот на јуни, изјави дека на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан ќе се осигура дека на лидерите ќе им бидат сервирани производи од бугарските супермаркети

Новиот Дил на ЕК да биде усвоен од страна земјите членки и на Европскиот Парламент. ЕК се надева дека тоа ќе може да се случи до средината на 2019-та година, но одредни земји членки продолжуваат да се противат на ова ново законодавство.

-Нема да ги кажам имињата на државите кои се против бидејќи сме во потрага по консензус, изјави Лилјана Павлова, министерката за бугарското претседателство, која додаде дека предлогот се разгледува во моментов на ниво на работни групи во Советот на ЕУ.

Останува дека дури и да се усвои новиот предлог закон, компаниите ќе можат да ги продаваат истите производи со понизок квалитет доколку тие се продаваат под друго име само.

-Целта е луѓето да не бидат измамени, ако купувате производ под одредена марка состојките мораат да бидат еднакви. Сакаме компаниите да го зголемат квалитетот онаму каде е намален. Втората опција, и посакувам тоа да не се случи, е тие да ја сменат марката и да го задржат понискиот квалитет, но ако го прават тоа, мора да биде видливо дека тоа е различен производ, во спротивно е измама. Се надевам дека самите ќе разберат дека треба да си заштитат брендот со тоа што ќе нудат ист квалитет, рече Вера Јурова.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2018 18:12