Со укинување на монополот на „Македонска пошта„ за пратките до 50 грама ќе се обезбедат побрзи и поквалитетни поштенски услуги поради што не треба повторно да се одложува либерализацијата на поштенскиот пазар, која треба да стартува на почетокот на следната година, сметаат приватните поштенски оператори од Сојузот на стопански комори (ССК).
До 31 декември годинава поштенскиот пазар е ограничен, односно само Македонска пошта е надлежна за поштенската услуга во резервираната област за пратки со тежина до 50 грама. Тука спаѓаат писма, честитки, комунални сметки, и се проценува дека станува збор за работа со над милион пратки.
- Што поголема либерализација и можност за учество на поголем број компании на слободен пазар дава можност за обебзедување подобри и поквалитетни услуги за сите клиенти корисници на поштенските услуги, рече денеска на прес-конференција Александар Милошевски, потпретседател на ССК.
Тој вели дека за либерализацијата е доволен сегашниот број од 33 приватни оператори кои покриваат два процента од пазарот и оти се надева дека до крајот на годинава ќе се екипираат доволно поради големиот обем на работа во резервираната поштенска област.
- Приватните оператори стасуваат за тоа што го работат сега. Зголемен е обемот на е-трговија, но во сегашната ситуација на нелиберализиран пазар и пратките кои доаѓаат од надвор, како што се актуелните од „Али експрес“ и други одат преку „Македонска пошта“ и колку што имам јас информација има одредени задоцнувања во доставата. Доколку целиот пазар би се либерализирал крајните корисници би имале поголемо задоволство. Не велам дека Македонска пошта испорачува лоши услуги, но учеството на сите во заеднички пазар е подобро, дополни Милошевски.
Како што дополни, за развој на поштенскиот пазар и зголемување на задоволството кај крајните корисници потребно е да се применат нови трендови во брзината и сигурноста на достава на поштенски пратки, напредни софтверски решенија, како алатки за следење на пратките...
Податоците на ССК покажуваат дека во 2016 и 2017 година биле доставени 4.475 рекламации за доставата преку „Македонска пошта“, а 322 за другите даватели на поштенски услуги во земјава. Најмногу поплаки има за ненавремената достава на пратки. Притоа, наведуваат од ССК, најмногу поплаки во 2016 година имало за времето на достава од страна на „Македонска пошта“