На рафинериите за нафта во Европа сé повеќе им недостига руската нафта, бидејќи Русија, еден од најголемите светски производители, големи количества од црното злато ги насочува кон Кина.
Во првите месеци од годинава, според податоците на њујоршката агенција „Блумберг“, Русија ќе испорача во просек 19 отсто помалку нафта преку своите главни пристаништа на Балтикот и Црно Море во споредба со истиот период лани.
Во меѓувреме, испораката на нафта за Кина е зголемена за 43 отсто во првите три месеци од годинава, покажуваат неодамна објавените податоци на рускиот државен оператор Трансњефт.
- Поради таквата промена, европските рафинерии ќе треба да бараат замена за руските пратки, кои најверојатно ќе се свртат кон испораките од Блискиот исток и САД, вели Алан Гелдер од лондонската консултантска фирма „Вуд Мекензи“.
Тој потсетува дека европскиот континент увезува најголеми количества нафта од Русија, повеќе од која било друга земја.
- Испораките на нафта од Блискиот исток кон Азија, како што се оценува, ќе бидат намалени поради зголемениот удел на руска нафта на азискиот пазар, поради што „Блискиот исток тогаш тие барели ќе ги насочи кон Европа“, вели Гелдер.
Вкупните испораки на нафта во Кина се зголемени на 750.000 барели дневно во првиот квартал.