Во гостувањето во емисијата „Дневен ред“ дел од утринската програма на Сител телевизија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека додека лани Македонија беше во криза, со техничка Влада, тогашната опозиција на разни начини успеала да ја оштети Македонија со разни памфлети за 10-тици милиони евра, кои државата ќе треба да ја плати на основ на камата за обврзница.
-Од почетокот на годината они имаат само нето 312 милиони евра зголемен државен долг, а без притоа да имаат реализирано ниту една капитална инвестиција. Во моментов имаме застој на сите капитални инвестиции, автопатиштата стојат, другите капитални инвестиции стојат, реализацијата на буџетот по основ на капитални инвестиции е на ниво три пати помало од она што било во истиот период минатата година, кога имавме техничка Влада, изјави Мицкоски.
Мицкоски кажа дека и покрај тоа што имаме нула проценти раст на БДП минатата година, власта го зголемила нето задолжувањето, што според него ја става Македонија убедливо на дното закована.
-Не знаат каде тераат, бидејќи ако ги видите и плановите за во иднина ќе видите дека тоа што го предлагаат, не само што е небулозно туку и не може да се реализира. И нешто од тоа да се реализира нема да имплицира позитивни ефекти. Така што во моментов можам да заклучам дека економијата ни е на колена, кога светот доживува ренесанса, кога следиме раст на економии 3,4,5 проценти, каде гледаме дека побарувачката во светот е зголемена, ние само сме тие што се движиме на нула, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека власта да ги остави бизнисмените да работат сами, да не носи никакви закони државата ќе има раст 2,5- 3 проценти. Тој кажа дека тие предупредувале дека нема да има раст.
Мицкоски се осврна и на бројчаникот кој Заев најави дека ќе го постави за враќањето на парите.
-Мислам дека е добро тој бројчаник да го постави пред владата на Република Македонија и тој бројчаник да покажува на паралелна основа колку ја задолжува Република Македонија, а притоа колку одзема вредност, а не додава. Бидејќи вие имате задолжување кое што не додава вредност, туку имате задолжување кое одзема вредност во Република Македонија, бидејќи немате повторно реализација, изјави Мицкоски.