Социјалдемократскиот сојуз на Македонија упатува честитки до новинарите, снимателите, фоторепортерите и сите медиумски работници во Македонија.
Нека е честит 3-ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите!
Истовремено, СДСМ се обврзува да продолжи да работи на подобрување на условите за медиумските работници и развивање на медиумските слободи согласно демократските стандарди и европските практики.
Медиумите се важен дел од секое современо општество и еден од клучните инструменти за демократизација, едукација и отчетност во секоја држава.
Сите може да бидат горди што го одбележуваме овој ден во слободна и демократска Република Македонија, земја што ги дели европските вредности и чекори на европскиот пат.
Новиот пристап на професионализација на институциите и градењето партнерски однос со медиумите, ослободени од било какви политички притисоци, ја гарантираат слободата на говор и ја унапредуваат транспарентноста.
Разбираме дека е потребно унапредување на условите за работа на медиумските работници и достигнување на што повисоки стандарди во медиумските слободи. Се обврзуваме тоа да го постигнеме заедно.
Македонија и нејзините граѓаните заслужуваат професионално и одговорно новинарство, заштитено од притисоци, со задоволни новинари и медиумски работници кои слободно создаваат.