Наместо министерката Рената Дескоска да предложеше квалитетен закон за високо образование деновиве стана јасно дека приоритет на министерката и било обезбедување на место за својот сопруг во Одборот за акредитација и евалуација во високото образование.

Законот кој беше предлог на министерката, а парламентарното мнозинство на вчерашната седница го изгласа, се донесе без никаква дебата и инклузивност, иако се работи за едно сериозно прашање од областа на високото образование.

Новиот закон за високо образование ги одзема сите права на студентите да одлучуваат за клучни процеси во универзитетите. Законот за виското образование кој што беше донесен од страна на парламентарното мнозинство е крајно рестриктивен и недемократски ако се земат во предвид правата на студентите, студентските избори, односно студентскиот парламент.

Со овој закон универзитетите односно факултетските студенстски парламенти стануваат тела на универзитетот, факултетот односно високата стручна школа.

Ова е директен удар врз автономијата и независноста на студентското организирање, а не како што манипулира СДСМ дека целта на овој закон е да ја врати автонимијата.

За каква автономија зборува СДСМ кога во законот се предвидува изборите за студентски претставници на студентските парламенти да ги распишува деканот, а не самите студенти?

За каква автономија зборува СДСМ кога во законот се предвидува изборот на студенски првобранител кој што треба да ги штити правата на студентите, ќе се бира на седница на универзитетскиот сенат и на истиот ќе треба да му поднесува извештаи од неговата работа?

За каква автономија зборува СДСМ кога со закон се забранува на професорите од научните институти своето искуство и знаење да го пренесат на студентите од прв циклус на студии?

Новиот закон за високо образование го укинува правото за намалување на партиципацијата на децата од еднородителски семејства и истовремено се укинува и правото на студент кој е запишан во приватна квота на државните универзитети и плаќа 400 евра да не може да се префрли во државна квота од 200 евра доколку постигне просек од 8,5. Исто така законот го укинува правото на бесплатно школување на студентите со завршен просек од над 9 во предходната година. Со овие укинувања СДСМ класично ја отстранува социјалната компонента и вреднувањето на успехот и трудот на студентите.

Голем пропуст во новиот закон е изоставувањето на практичната работа за студентите на прв и втор циклус на студии со што ќе се спречи конкурентност на студентите на пазарот на труд кога тие ќе ги завршат своите студии.

Генерално со новиот закон за високо образование кој што беше изгласан од страна на парламентарното мнозинство, студентите во Република Македонија остануваат без никакви права во одлучувањето.

Ние како пратеничка група поднесовме 17 амандмани кои што суштински ги подобруваа правата на студентите, но за жал министерката за образование и наука Рената Дескоска не прифати ниту еден амандман и токму затоа СДСМ не може да зборува дека овој закон е плод на широка и квалитетна дебата.

Студентите во Република Македонија во иднина ќе ги почуствуваат на своја кожа последиците од овој катастрофален закон со кој што се укинуват нивните права на одлучување.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2018 12:53