Собранието на Република Македонија во рамки на 45.седница ги усвои дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Државен пазарен инспекторат, како и предлог-законот за странци во прво читање. Собранието ја почна расправата по Предлог-законот за енергетика во прво читање.
Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу во образложението на Предлог - законот за странци во прво читање рече дека тој е важен чекор за усогласување на домашното законодавство со легислативата на ЕУ и тоа во областа на миграцијата, условите за влез во земјата, за прашањето за визите, за дозволата за престој и враќање на странците кои престојуваат незаконски.
Посочи дека со Предлог-законот се прави усогласување на законодавството со десет директиви на ЕУ и тоа за прашања кои се однесуваат на враќање на државјаните од трети држави кои незаконски престојуваат, за прашањата кои се однесуваат на подолгиот престој, за постапките за аплицирање за дозволите за престој за работа, за условите за влез на државјаните од трети држави поради разни квалификации за работа, условите за влез и престој поради вработување како сезонски работници, условите за влез во рамки на трансферите меѓу претпријатијата за научни истражувања, студирање и сл.
Во образложението на Предлог-закон за енергетика во прво читање, министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека важноста на овој закон не е само во усогласувањето со законодавството на ЕУ, туку целта е да има пренос и диструбуција на електрична енергија за сите.
- Целта на овој закон е и да се заштитат правата на потрошувачите на електрична енергија и на потрошувачите кои не се заштитени. Целта е да имаме ефикасен енергетски сектор кој ќе биде конкурентен и финансиски одржив. Се предвидува и либерализација на производството и снабдувањето со електрична енергија. Со овој закон се предвидува да се зајакне регионалната соработка во сферата на енергетиката и ќе има потполна либерализација на пазарите за електрична енергија и на природниот гас, рече Бектеши.
Тоа, како што посочи, значи дека секој потрошувач ќе има право да има слободен избор за снабдувачите со електрична енергија или со природниот гас.
Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не може да се донесе закон во чиј член стои дека од денот на неговото влегување во сила му престанува мандатот на претседателот на Регулаторна комисија.
- Тоа дава скептицизам кај опозицијата. Со овој предлог-закон за енергетика не е предвидена комисијата за решавање жалби од областа на енергетиката. Со тоа се скратува правото на жалба, односно да нема како второстепена да оди директно на управен суд. Целокупната оваа постапка претходно е направена и за да се растеретат судовите односно се врши концептот на двостепеност во управната постапка, рече Кузмановска.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во реплика на пратеничката Лилјана Кузмановска рече дека овој закон за енергетика е обврска од 2014 година. Потенцира дека Македонија беше соочена со казни да не може да ги користи предпристапните ИПА фондови заради тоа што не ги исполнила условите за кои земала обврска.
- Што се однесува до немањето второстепена комисија таа со години наназад нема донесено никаква одлука во корист на граѓаните. Таа по препорака на праксите во ЕУ е укината и луѓето се упатени во Управен суд, а на Регулаторна комисија одлуката е извршна. Затоа тоа е така донесено во интерес на граѓаните, рече Анѓушев.
Во врска со менувањето на комесарите во Регулаторната комисија за енергетика посочи дека согласно директивите со промена на законот за енергетика треба да се обезбеди ротација на членовите на Регулаторна комисија.
- За кој претседател на Регулаторна комисија зборувате. Лично можам да ви кажам што се прекршил, дека бил исполнител на одредени желби, а не како претседател на Регулаторна комисија на сите граѓани. Јас сум дел од ова енергетско живеење на државата со години. Ние зборуваме за независна Регулаторна комисија. Ве убедувам дека овие членови кои ги што ги предвидува законот ќе бидат членови кои долги години имаат искуство во Регулаторната комисија, а не членови кои доаѓаат од партиски штабови кои претходно не научиле ништо од законот, додаде Анѓушев.
Расправата по Предлог-законот за енергетика ќе продолжи по паузата и по 40.седница која е закажана во 15:15 часот.