Со цел Република Македонија да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува оваа значајна функција, претседателот Иванов во текот на февруари и март оваа година изврши консултации со Сојузот на Стопански Комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други институции и поединци од оваа област, информираат од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, во врска со предлогот Димитар Богов повторно да биде гувернер на Народната банка на Република Македонија.

По сите тие консултации, Димитар Богов беше посочен како најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на оваа функција и кандидирање за негов втор мандат, се додава од кабинетот на претседателот .

-По извршените консултации, Претседателот Иванов оствари средба со премиерот Заев на 26 март оваа година, на која македонскиот претседател го запозна премиерот за исходот од консултативните средби и дека Димитар Богов ќе биде предложен за нов мандат од страна на македонскиот претседател, информираат од кабинетот на Иванов.

Потоа, како што информираат од Вила Водно, следувала и средба на претседателот Иванов со гувернерот Богов на која македонскиот претседател му ја соопштил својата намера на г. Богов дека ќе биде предлог за гувернер на НБРМ.

-Откако актуелниот гувернер му дал согласност на претседателот Иванов за негова повторна кандидатура, г. Димитар Богов остварил средба со премиерот Заев на која му ја искажал согласноста за одлуката на македонскиот претседател за негова повторна кандидатура. За предлогот Димитар Богов да биде гувернер на НБРМ, освен премиерот Заев информиран е и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, велат од кабинетот на Иванов.

Оттаму информираат и дека претседателот Иванов изминатиот период остварил и средби со други потенцијални кандидати за гувернерското место, меѓу кои и со г. Фатмир Бесими.

-На сите тие средби, не била посочена ниту една забелешка за работата на актуелниот гувернер, ниту за работата на НБРМ. Напротив, на сите средби преовладувал ставот дека г. Богов заслужува повторна кандидатура и дека е најдоброто решение, кое е потврдено и во извештаите на ЕК, велат од Кабинетот на претседателот Иванов.

Согласно своите овластувања, претседателот Иванов на 27 април 2018 година предлогот го достави до Собранието на Република Македонија. Претседателот Ѓорге Иванов, повторно го предложи Димитар Богов за гувернер на Народна Банка на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2018 09:03