Предлог-законот за енергетика ги нуди сите неопходни инструменти за граѓаните да не се плашат од целосната либерализација на пазарот на електрична енергија која е предвидена со него, носи сигурност, постепеност на процесите, но и можност за интервенција на државата доколку нешто не оди како што треба, оцени директорот на секретаријатот на Европската енегретска заедница Јанез Копач на денешната јавна расправа во Собранието за предложениот закон.
Според Копач, законот, со кој се врши усогласување со европските директиви и регулативи за што од претходната власт немало политичка волја, значи нови придобивки за граѓаните. Меѓу останатото, како што наведе, се поставува законска основа за спојување на пазарите на електрична енергија, за што веќе се во тек разговори на премиерско ниво помеѓу Македонија и Бугарија.
И со постојниот Закон за енергетика до 2020 година ќе се овозможеше целосна либерализација на енергетскиот пазар, но новиот закон овозможува правна основа за развој на систем операторите, надминување на спорот помеѓу ГАМА и МЕР, а кај обновливите извори на енергија воспоставување нов систем на аукции наспроти постојниот систем со т.н. фидин тарифи, кој е оценет како прескап.
- Кај Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) законот носи нови надлежности, но не и една надлежност која како Секретаријат ја дадовме, а со која ќе може да покрене прекршочна постапка и да изрекува парични казни, рече Копач.
Како што појасни Славе Јовановски, еден од консултантите ангажиран во подготовката на законот, во него е наведено дека Регулаторната комисија за енергетика врши надзор на работењето на вршителите на регулирани енергетски дејности и има право да поведе прекршочна постапка пред надлежен суд.
Во однос на укажувањето на Копач за поголема надлежност на РКЕ со директно поведување прекршочна постапка и казнени одредби вели дека се потребни многу поголеми технички и кадровски ресурси за даможе регулаторот тоа да го прави.
Марјан Огненовски од Здружението на граѓани „Но пасаран“, предложи новите членови на Регулаторната комисија за енергетика пред изборот во тоа тело да не биле во органи на управување и надзор во енергетски компании, да се намали мандатот од пет на три години и наместо пет бруто плати да им се исплаќаат по три. Со правилниците и тарифниците што ги донела во изминатиот период РКЕ ги оштетила граѓаните и придонела за зголемување на енергетската сиромаштија, оцени Огненовски, кој побара и да се обезбеди почитување на правото на избор на граѓаните во снабдувањето со топлинска енергија, а исклулчените од системот да немаат никава обврска да плаќаат какви било надомести.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека ги поддржува заложбите за независност на РКЕ, за што е потребна и финансиска сигурност, но, како што потенцира, важен е и интегритетот на секој член и почитувањето на правилата. За спречување на злоупотребите кои биле констатирани во минатото, меѓу останатото се предлага шема на ротација на коемсарите во РКЕ.
Анѓушев рече дека ќе се земат предвид и ќе бидат разгледани барањата на здружението „Но пасаран“, како и забелешките од операторите на топлинска енергија кои бараат РКЕ да нема дискрециско право да одлучува за колкав процент треба да биде помала цената на топлинската енергија за таа да биде земена во системот. Операторите сметаат и дека ќе им биде финансиско оптоварување резервата на нафтени деривати од 20 проценти на која се обврзани со новиот закон.
Како што оцени, новиот закон обезбедува конкурентност во енергетскиот сектор, со бенефит за крајните корисници во однос на подобар квалитет на услугите и намалени цени. Предвидениот механизм со законот за избор на универзален снабдувач, кој ќе биде избран во јавна постапка, посочи, обезбедува заштита на граѓаните, како крајни потрошувачи на енергенсите.
- Мораме да се заштитиме од можноста цените неконтролирано да растат. Тоа во овој закон е направено квалитетно, во делот на електричната енергија, кадешто е воведен универзалниот снабдувач кој ќе биде избран на јавен повик, со дефинирани критериуми, рече Анѓушев.
Според него, со законот се овозможува поддршка за обновливите извори на енергија. Преку воведување на премиум тарифите се дава можност за отворање нови локации за изградба на фотоволтаични централи, при што државата ќе објави тендери за премиуми, а инвеститорите ќе имаат можност произведената струја да ја продаваат на слободен пазар, наведе Анѓушев.
Тој ги оцени како непотребни предлозите што ги изнесе универзитетскиот професор Константин Димитров со законот да бидат регулирани фосилните горива. Тоа, оцени, е спротивно на европските и светски заложби и трендови.