Неспособноста на Социјалдемократскиот сојуз ја чувствуваат и припадниците на специјалните единици во МВР. Специјалците се соочуваат со очајни услови за живот и работа.
Ова зад мене, е доручекот кој што го добиваат полициските специјалци од Единицата за брзо распоредување. Тој е составен од сув леб, мармалад и путер. Потенцирам најелитните специјални единици во Република Македонија се хранат со леб, мармалад и путер. Ниту една друга специјална единица во светот не се храни на овој начин. На луѓето што 24/7 треба да се грижат за безбедноста на нашата држава им се сервира сиромашна нискокалорична храна.
Условите со кои се соочуваат припадниците на специјалната единица се катастрофални во секој поглед. Во просториите во кои што се сместени припадниците на Единицата за брзо распоредување нема топла вода за туширање, иако специјалците се таму и дење и ноќе, а смените често им траат и повеќе од 12 часа.
Да биде иронијата поголема, денеска во базата на Единицата за брзо распоредување, министерот Оливер Спасовски му делеше плакети на неговиот сопартиец Петре Шилегов, а според информациите кои што ги имаме, припадниците на единицата требале сами да си ги набавуваат плакетите што требало да им бидат поделени. Лицемерно од човекот кој наместо да ги посети повредените специјалци од акцијата во Диво Насеље, одеше да се смее и да се фотографира на местото каде што осуммина херои ги загубија своите животи во одбрана на нашата држава, Република Македонија.
Картелот на власт се изживува со припадниците на специјалните единици. Луѓето кои секојдневно се соочуваат со акции ризични по својот живот на крајот на денот за јадење добиваат сув леб, мармалад и путер, за потоа да немаат ни топла вода за туширање.
Од потценувачкиот однос не завршува тука. На над 1.500 припадници на специјалните единици, од поголем број на станици не им се исплатени парите за прекувремена работа. Се работи за луѓе кои што имаат одработено 150 часа месечно, со што им следува една просечна плата. Имено согласно Законот за работни односи, работникот кој има одработено подолго од полното работно време и кој нема отсуствувано од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, покрај платата треба да му биде исплатен и бонус во висина од една просечна плата.
ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека овој деградирачки однос кон припадниците на специјалните единици мора да престане. Припадниците на специјалните единици, заслужуваат подобар третман. Државата не смее да се однесува со своите заштитници како што тоа го прави овој криминален картел на власт. Колку побргу неспособната гарнитура си замине од власт, толку побргу полициските службеници ќе го вратат нивното достоинство.