Композиторот и продуцент Боб Џејмс пристигна во Скопје, каде вечер ќе настапи во Македонската филхармонија заедно со Мичел Палазоло на бас и Патрик Вилијамс на тапани.
Светската музичка критика го дефинираше овој пијанист како татко на смут џезот, а одличен доказ за тоа е неговата вонвременска музика, над 50 издадени албуми продадени во милионски тиражи и неколку освоени Греми награди. Многу негови познати нумери имаат извршено длабоко влијание врз хип хоп музиката, особено онаа од 80-те и 90-те години.
Концертната агенција и продукција „3 Гонга“ ексклузивно го најави гостувањето на овој светскиот мајстор на смут џезот, кој вечер ќе настапи со неговото трио. За време на тридневниот престој во Скопје, Џејмс имал можност вчеравечер да присуствува и на концертна свирка на македонскиот бенд „Кабадајас“ во клуб ресторанот МКЦ и да се запознае со дел од скопската музичка сцена.
- Минатата година настапував во Охрид со мојот бенд „Форплеј“. И навистина уживав во градот, за време на концертот и во гостопримливоста на луѓето. Еве ме сега во главниот град на вашата земја. Имам кусо време, но доволно за уште еднаш да се уверувам дека ова е прекрасна земја и луѓе со многу вкус, умешност и знаење за музиката. Нетрпелив сум вечерва да настапам со моето трио во Македонската филхармонија, изјави Боб Џејмс.
Боб Џејмс настапува низ целиот свет со своето трио, а концертот во Скопје е дел од неговата голема светска турнеја.