Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
Почитувани,
Ова е начинот на кој што СДСМ ги третира полициските службеници. Се друго кое што се обидуваат да Ви го претстават е лицемерие. Дивите орди предводени од Зоран Заев и Оливер Спасовски на 5 мај 2015 година се обидоа насилно да влезат во Владата на Република Македонија. Хулиганите организирани од Спасовски и Заев ги напаѓаа полициските службеници кои го обезбедуваа објектот на владата и ги извршуваа своите задачи.
Овие сцени ќе останат врежани во сеќавањата не само на полициските службеници, туку и на нивните сопруги, деца и родители и семејства. Ниту еден од функционерите на СДСМ не почуствува потреба барем да се извини за злоделата што врз полицијата ги сторија криминалците и хулиганите под нивна команда.
Јавноста, а посебно припадниците на министерството за внатрешни работи нема да заборават дека на денешен ден пред три години во насилните протести беа повредени дури 38 полицајци, од кои 6 посериозно.
Само луѓе без образ, како што се Зоран Заев и Оливер Спасовски сега присуствуваат на свечености на кои што полицијата го одбележува својот ден 7 мај, а само пред три години организираа протести на кои ги каменуваа, им фрлаа запалени контејнери, ги гаѓаа со бехатон плочки, ги тепаа со шипки и слично.
Почитувани,
Откако СДСМ дојде на власт криминалот царува по улиците. Убиства, рекет, уцени, запалени возила се секојдневие во нашата држава Република Македонија. На професионалците во МВР им се врзани рацете бидејќи раководните структури на СДСМ ниту имаат волја ниту се способни да ја гарантираат сигурноста на граѓаните.
Неспособното раководство на СДСМ, од друга страна не може да обезбеди подобри услови за полициските службеници кои секојдневно ги жртвуваат своите животи. Се ветуваа плати од 100 000 денари за докторите, но покачување на платите на полициските службеници, сеуште нема. Не се исплаќаат редовно ниту дневниците, а исхраната и условите во кои што работат припадниците на специјалните единици се недостоинствени.
Штетите кои неспособното раководство на СДСМ ги прави во МВР се огромни и на товар и на граѓаните и на вработените. Колку подолго останува на власт ова раководство, толку потешко ќе биде истите да се надоместат. Време е Оливер Спасовски и партиските послушници на СДСМ кои што се околу него да си заминат.