Рускиот опозициски водач Алексеј Навални беше притворен денеска, за време на протест на неговите приврзаници во Москва, јави новинската агенција ДПА.

Стотици учесници на протестите, кои се организираат во 90-ина руски градови, исто така беа уапсени. Протестите се организираат против претседателот Владимир Путин, кој в понеделник официјално го започнува четвртиот претседателски мандат, а се одржуваат под мотото „Не е наш цар“. Во Москва на протестите излегле неколку стотици поддржувачи на Навални.

Во сибирскиот град Краснојарск беа уапсени 150 лица, меѓу кои еден новинар, соопштува „О Ве Де - Инфо“, независна организација, која ги следи апсењата во земјата. Според организацијата, апсењата се извршени на брутален начин и приведените биле со модринки и гребаници, пренесува БТА.

Во Јакутск се приведени најмалку 75 лица, тврдат поддржувачи на Навални. Во Новокузнетск се приведени околу 20 учесници на протестите.

Во Чеибинск во Урал, полицијата приведе три лица уште пред почетокот на протестот, соопшти на Фејсбук активистот Борис Золотаревски.

Најмалку 10 лица се уапсени во Барнаул во Сибир, соопшти тимот на Алексеј Навални.

Многу поддржувачи на Навални беа уапсени уште вчера, во пресрет на демонстрациите планирани за денеска во Русија.

„Плашливиот старец Путин мисли дека е цар. Тој не е цар и затоа треба да излеземе на улица на 5 мај" - со овој повик Навални ги повика своите поддржувачи да излезат денеска на протести низ целата земја.

На изборите на 18 март, Путин победи со 76 отсто од гласовите. Опозицијата и независни набљудувачи тврдат дека имало неправилности на изборите, како полнење на гласачките кутии и други изборни измами, додека Навални беше дисквалификуван како кандидат.

Аналитичарите се загрижени поради можноста денешните протести да преминат во судири со полицијата, проследени со масовни апсења, како што се случи пред шест години по реизборот на Путин за трет претседателски мандат.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2018 00:55