Кандидатката за директор на ЦИА, Џина Хаспел, која за таа функција ја номинираше американскиот претседател Доналд Трамп, сакала да ја повлече кандидатурата поради стравувањата за нејзината улога во програмата на агенцијата за распити, пишува „Вашингтон пост“.
Американскиот весник цитира четворица анонимни високи претставници на Администрацијата на Трамп според кои, Хаспел во петокот била повикана во Белата куќа, со цел да се разгледа нејзината улога во програмата за распити во која биле употребени техники, за кои многумина сметаат дека се мачење. Таа рекла дека ќе се повлече за да го избегне тешкото сослушување во сенатската комисија за разузнавање.
Потоа Хаспел се вратила во централата на ЦИА во Лангли, државата Вирџинија. Тогаш повеќе функционери од Белата куќа, меѓу кои и портпаролката Сара Сандерс, брзо заминале таму на неколкучасовни итни разговори со неа. Во саботата попладне Хаспел ја уверила Администрацијата на Трамп, дека нема да се повлече.
Ако Сенатот на САД го потврди изборот на Џина Хаспел, таа ќе биде првата жена, која ќе раководи со американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА). Откако Трамп го разреши државниот секретар Рекс Тилерсон, а на негово место го именува досегашниот директор на ЦИА, Мајк Помпео, за негова наследничка ја предложи Хаспел, досегашната заменичка директор на Aгенцијата.
Хаспел е позната како раководител на таен затвор на ЦИА на Тајланд, во кој осомничените за тероризам наводно биле измачувани.
- Хаспел, која има големо искуство во ЦИА во странство, раководеше со таков затвор кус период во 2002 година, кога со техниката симулација на давење се измачувани Абу Зубајадах и Абд ал Рахим ал-Нашири, изјавија неименувани претставници на ЦИА.
Тие додаваат дека Хаспел, исто така, учествувала и во уништување на видео снимка од симулација на давење на затвореници. Поради уништувањето на снимката беше покрената и истрага од страна на американското Министерство за правда, што заврши без подигнување на обвинение.
ЦИА последен пат ја употреби симулацијата на давење пред повеќе од 10 години. Таквата тактика на испитување на осомничените за тероризам беше одобрена од администрацијата на поранешниот претседател Џорџ Буш Помладиот.
Хаспел работи во ЦИА од 1985 година и раководеше со повеќе канцеларии во странство.
Американскиот сенатор Џон Мекејн изјави дека „Хаспел треба да ја објасни вмешаноста во програмата за испитување на ЦИА“ пред Сенатот да ја избера за директорка на Агенцијата.
Претставник на организацијата Американска унија за заштита на граѓанските слободи, Кристофер Андерс побара од ЦИА да објави документи за активностите на Хаспел поврзани со мачењето на затвореници, пред Сенатот да одлучува за нејзината нова функција.
- Џина Хаспел беше централна личност во еден од најнелегалните и најсрамни поглавија на модерната американска историја, посочи Андерсон.
Групите за заштита на човековите права остро реагираа и во февруари минатата година, кога Хаспел беше именувана за заменик директор на ЦИА поради нејзините активности во минатото.