Вредноста на акциите на авиокомпанијата „Ер Франс-КЛМ“ денеска на Берзата во Париз забележа пад од 13 проценти, како резултат на најавата за оставка на нејзиниот директор Жан-Марк Жанејак.

Жанејак во петокот вечерта најави дека ќе поднесе оставка, откако синдикатотт на „Ер Франс-КЛМ“ го одби предлогот на раководството за зголемување на платите за седум отсто во следните четири години, во обид за прекин на штрајкот на вработените.

Синдикатот на „Ер Франс-КЛМ“, кој од февруари годинава во континуитет организира парцијални еднодневни и дводневни штрајкови, бара зголемување на платите за 5,1 отсто само во текот на оваа година.

На денешниот старт на работењето на Париската берза, акциите на „Ер Франс-КЛМ“ чинеа 7,11 евра. Во првиот час од тргувањето нивната вредност падна на 6,932 евра, за потоа околу 10 часот да се стабилизира на 7,03 евра. Во петокот акциите на компанијата чинеа 8,096 евра.

Падот на акциите на „Ер Франс-КЛМ“ резултураше и со намалување на главниот берзански индекс ЦАЦ 40 за 0,11 отсто.

Се очекува Женејак официјално да ја поднесе оставката на седницата на Управиот одбор на „Ер Франс-ККМ“ закажана за в среда.

Поради денешниот штрај на дел од вработените, „Ер Франс-КЛМ“ најави дека ќе бидат реализирани 85 отсто од предвидените летови.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2018 09:57