Интегрален текст од видео обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Почитувани,
Лична работа на Заев е желбата да сака да му помогне и да се грижи за семејството на Џезаир Шакири, односно таканаречениот Командант Хоџа. Двајцата делат иста идеологија и исти вредности. Сепак, тоа што се политички истомисленици и постигнале некаков меѓусебен договор, не му дава на Заев за право да го вработува на висока функција во владата и да го плаќа со пари на граѓаните.
Но, тука е важна и една друга порака. Се уште немаме одговор на прашањето кој го заробил, и кој го ослободил Танушевци, и зошто доколку било тоа така надлежните органи не реагирале и не ја известиле јавноста. И суштинската дилема останува, доколку некој се дрзне да направи некое незаконско дело, нападне полиција или нешто слично, наместо да биде санкциониран добива место во Владата. Ова е случај каде се рушат вредности, а преседанот станува правило.
Предупредувам, дека е исклучително опасно ваков човек да биде поставен на така висока и чувствителна функција. Човекот е на американската црна листа, а сега треба да добива информации кои се државна тајна и да советува околу безбедноста.
Го повикувам премиерот Зоран Заев да го раскине договорот за вработување на Џезаир Шакири во Владата и доколку толку многу сака да помогне можеби е добро да го вработи во неговата семејна компанија Тотал инженеринг. Убеден сум дека чесните граѓани на Македонија не би сакале да финансираат некој што се заканувал и велел дека доколку имал оружје, Македонците ќе ги протера од овие простори.
Воедно предупредувам дека одговорност мора да се понесе, и не толку далеку од сега ќе мора да дадат одговори за ваквото деструктивно однесување.