Во Стопанската комора на Македонија денеска ќе се одржи информативна сесија за отворениот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој за доставување предлог-проекти за користење на мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст.

На настанот е најавено обраќање на директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

Со повикот се одвоени три милиони евра поддршка за проекти на мали и средни претпријатија, а буџетот за сите мерките од третиот столб изнесува 10,5 милиони евра.

Со повикот се опфатени четири инструменти: поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст – „газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години. Станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија, кадешто државата станува партнер, преку директна финансиска поддршка во инвестициските проекти на компаниите.

Првиот јавен повик за поддршка на мали и средни претпријатија е отворен до 11 јуни 2018 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2018 08:46