„Со степен државна тајна се класифицираат информации или материјали чие неовластено откривање или употреба би можело да им наштети на трајните интереси на Републиката и со тоа директно да го загрозат уставниот поредок, независноста и територијалниот интегритет на Републиката, да ја загрозат внатрешната стабилност на Републиката и директно да доведат до масовни човечки губитоци“.

Ова е членот 2 од Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, кој укажува на ризиците од поставувањето на командант Хоџа на висока функција во владата.

Ова е опасноста со која што државата ќе се соочи доколку Хоџа добие безбедносен сертификат.

Затоа Џезаир Шакири, новиот советник на Зоран Заев за безбедност и за борба против радикализмот, не смее да добие сертификат кој што се однесува на безбедноста во државата. Лице чие што име се поврзуваше со убиство на полициски службеник не смее да има допир со државни тајни.

Во еден друг член, членот 38, од Законот за класифицирани информации, како услов за добивање на ваков сертификат меѓу другото се наведува:

„Активностите на лицето да не укажуваат на постоење безбедносен ризик за користење на класифицирани информации“.

Со ваков безбедносен сертификат со степен на државна тајна ќе се стекне новиот советник, или како што велат од владата „Надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борбата против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на Претседателот на Владата“. Со ваков сертификат треба да се стекне советникот на Заев, Командант Хоџа, човек кој што се наоѓа на црната листа на САД, за кого постојат сомнежи дека е вмешан во убиство на полициски службеник и лице барано со меѓународна потерница.

Секој обид да му се дозволи на таканаречениот Командант Хоџа, кој што се бараше со меѓународни потерници, пристап до доверливи информации од полицијата и војската е казниво и претставува понижување на сите припадници на безбедносните сили кои што ги дале сопствените животи за безбедноста на државата.

Почитувани,

Дали Зоран Заев е свесен за своите намери и постапки кои водат до тоа да му се даде безбедносен сертификат на човек кого Соединетите Американски Држави, го прогласиле како опасен по безбедноста заради неговото терористичко делување?

Недозволиво е човекот кој е на црна листа на САД и е лице барано со меѓународна потерница да има допир со информации од витален карактер за македонската безбедност и државност.

Доколку Зоран Заев навистина се грижи за егзистенцијата на Командантот Хоџа, тој може да го вработи во една од неговите фирми, но не и на место советник за безбедност на премиерот и да му ги даде на располагање сите државни тајни. Позицијата советник за безбедност не е функција за згрижување на луѓе со слаба материјална положба, туку одговорна позиција.

ВМРО-ДПМНЕ бара одговор за ангажирањето на Командантот Хоџа, бара ангажирањето негово веднаш да биде раскинато.

ВМРО-ДПМНЕ инсистира надлежните органи веднаш да отворат истрага и да го повикаат Командант Хоџа да ги објасни како тоа го заробил Танушевци? Дали навистина е вистинито тврдењето на Хоџа дека советничкото место е замена за ослободување на селото? Кои се другите негови соучесници и каде е оружјето со кое што го заробиле селото?

Пораката која што Заев ја испраќа кон сите идни криминалци и прекршители на законите, е поразителна. Тој практично ги повикува сите да се конфронтираат со државата за да добијат функции.

На незаконието мора да му дојде крајот. Ова понижување на државата мора да запре. Државата и граѓаните заслужуваат подобро.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2018 12:19