Исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017 ќе почне следната недела, а зголемени субвенции ќе добијат над 23.400 тутунари, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Според МЗШВ, од денеска до крајот на оваа недела Платежната агенција ќе ги спроведе законските контроли во откупните претпријатија по што ќе следува обработка на решенијата за исплата на субвенциите за тутунот.
Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој почнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари, за втора 70, а за трета, четврта и дополнителни класи е 60 денари.
- Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција. Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, која носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно, велат од Министерството.
Воедно информираат дека денеска во Служен весник се објавија измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој од кои дел предвидуваат одложување на важноста на условите за подмирени обврски кон Управата за јавни приходи што изминатите години беше пречка за исплата на субвенциите. - Со оваа измена се создаваат законски услови за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, наведува Министерството.