Во битолското село Велушина има девет цркви. Според мислењата на стручни лица, тоа е село со најмногу цркви на едно место. Но, црквите во селото се поврзуваат и со уште еден интересен податок, фактот, дека токму во Велушина се наоѓаат икони од 18. век, што не е случај со другите краишта во Битолско, но и во државата.

Постојат мислења дека името на Велушина произлегува од епитетот на Богородица Елеуса или Богородица Милостива, чиј култ во тоа место бил присутен со векови. Етимолошки, името на ова пелагониско село е локална словенска форма од Велика Елеуса-Велеушина.

Инаку, Велушина има извонредна местоположба, со живописен предел во кој деветте цркви се на различни локации, секоја од нив со посебно значење и кон секоја од нив со соодветна почит од верниците. Дел од црквите со текот на времето се разрушиле, но и ден денес постојат обележја за постоењето на црква на соодветното место. Велат, дека во Велушина имало и 16 воденици кои биле од исклучително значење и во функција на локалното население.

Деветте цркви во Велушина

Според Ристо Палигора, советник конзерватор во НУ Завод и Музеј-Битола, Велушина е еден од најважните локалитети каде се сконцентрирани големи културни богатства, а во селото посебно значајна е црквата Успение на Богородица позната како Голема Богородица, а мештаните уште ја викаат и Вељуса Перивлепта. Оваа црква долго време била непозната за науката, дури и заобиколена од истражувачите, патеписците. Во Велушина, познати светилишта се и манастирот Св. Ѓорѓи обновен во 1848 година во кој некогаш имало и калуѓерско братство, двете поствизантиски цркви, Св. Атанасиј и Св.Илија кои се од периодот на 15. до 17. век, а кои сега се гробјански цркви. Во Велушина е и манастирот Св.Врачи или манастир на двајца браќа, потоа црквите Св. Никола, Св. Петка и Св. Недела во која најчесто се организирале венчавки. Некои од црквите ги граделе поединци врз основа на лична желба или пак врз основа на желба за возобновување на одредени цркви. Тука е и одговорот на прашањето зошто толку многу цркви, дури девет на едно место!? - Затоа што луѓето порано биле подготвени и со личен труд, ангажман и средства да се вложат во изградба на нови храмови, во одржување на светилиштата, појаснува Палигора и вели дека за разлика од тогаш, во подоцнежно време таа желба и верба е многу помала.

Колку за споредба, нагласува нашиот соговорник, црквата Св. Димитриј во Битола е изградена за три месеци, а денес со расположливата технологија и материјали, црква се гради со години, значи во минатото имало огромна волја и посветеност.

Црквите во Велушина поседуваат ретки икони, најголем дел од периодот меѓу 17. до 19. век, но она што го извојува ова место од останатите во државата, тоа е фактот што од Велушина потекнуваат голем број на раритетни икони од 18. век, појаснува Палигора.

- Иконите долго време беа оштетувани затоа што црквите беа отворени, отклучени и секој влегувал во нив. Знаевме дека иконите треба да се заштитат и реставрираат и на заедничка среќа локалното население ја прифати нашата идеја иконите да ги чуваме во Музејот во Битола. Тоа се репрезентативни, вредни икони кои заслужуваат јавност бидејќи како ретко каде има икони од 18. век, голема реткост во битолскиот регион, но слободно може да се каже во овој дел на југозападна Македонија, па и во денешните граници на државата, мал е бројот на цркви од 18. век, а сликарство воопшто и не постои. (4 фото икони)

Во Велушина сочувани икони од 18. век

Присуството на икони се припишува на работилницата на познатите корчански зографи Константин и Атанас едни од најбараните и често ангажираните зографи од средината на 18. век, на територијата на Охридската архиепископија и Света Гора. Важно место во сликарството во рамки на Пелагониската митрополија во тој период припаѓа и на Јован Зограф кој е потпишан врз ѕидното сликарство на повеќе цркви, а во 1848 година ја насликал манастирската црква Св. Ѓорѓи во Велушина, а за иконостасот на таа црква оставил и неколку иконописни дела изведени во неговиот препознатлив стил. За црквите во Велушина свои дела, најголем дел сочувани во повеќе тамошни цркви, оставиле и Анастас Зограф со своите синови Константин и Димитар Анастасови. Нивниот ангажман, вели Палигора, сам по себе го донесува заклучокот дека ктиторите од Велушина и нарачателите на бројните икони, често умееле за своите потреби да ги ангажираат најдобрите и најпознатите зографи и на тој начин денес да остават импресивна колекција икони.

Имајќи ги предвид претходните информации, логична е желбата на заштитарите од НУ Завод и Музеј-Битола, зографските достигнувања од овие простори, вредните икони да бидат зачувани и заштитени и изложени пред јавноста како што тоа во моментов е големиот изложбен салон на икони во битолскиот Музеј.

- Најдобро е артефактите да бидат на местото каде што биле направени, но се соочуваме со големи проблеми, со големи кражби на иконите. Посакуваме во соработка со МПЦ како сопственик на иконите да направиме нешто покрупно за решавање на заштитата на иконите во ситуација кога црквите се недоволно заштитени и необезбедени. Можеби со развојот на технологијата и свеста на луѓето, еден ден ќе исчезне желбата за крадење и оштетување, гласно размислува Ристо Палигора, советник конзерватор во НУ Завод и Музеј-Битола.

Марјан Танушевски



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2018 14:04