Билатералните трговски односи и состојбата околу Северна Кореја беа главни теми на денешниот телефонски разговор меѓу претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг.

Како што јавија кинеските државни медиуми Си во разговрот му порачал на Трамп дека Кина и САД треба да се обидат да најдат начин за соодветно решавање на трговските спорови.

Си нагласил и дека Кина го поддржува организирањето на средба на Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и изразил надеж дека САД и Северна Кореја ќе изградат меѓусебна доверба.

Разговорот се одржа по минатонеделните разговори меѓу американски и кинески претставници посветени на проблемите во сферата на трговијата, предизвикани од одлуката на Трамп за воведување на царини за увоз на кинески производи, пред се на челикот и алуминиумот.

Денешниот телефонски разговор го најави самиот Трамп со објава на Твитер.

- Ќе разговарам со мојот пријател, претседателот ма Кина, Си. Главни теми ќе бидат трговијата, во која ќе се слиучат добри работи, и Северна Кореја, ладе се градат односи и доверба, напиша Трамп на Твитер.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2018 22:42