Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва соопшти дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.

Трамп во обраќањето, што беше директно пренесувано на американските телевизии, нагласи дека санциите што ќе бидат воведени кон Иран ќе бидат од „највисок степен“, додавајќи дека со казнени мерки би можеле да бидат опфатени и други држави.

Американскиот претседател при тоа го обвини Иран за поддршка и спонзорирање на тероризмот и за предизвикување хаос на Блискиот Исток.

Тој оцени дека „иранскиот режим“ не се придржувал кон обврските предвидени со Договорот, поради што и решил САД да се повлечат од него.

- Јасно е дека САД со овој Договор не можат да спречет создавање на иранска нуклеарна бомба, рече Трамп.

Трамп нагласи дека ако се дозволи опстојување на Договорот, светот наскоро ќе се соочи со трка во нуклеарно вооружување на Блискиот Исток.

- Нуклеарниот договор со Иран требаше да ги штити САД и нивните сојузници, но тој му овозможи да продолжи со збогатување на ураниум. Ниту една акција што ја презеде Иран не беше поопасна од неговите заложби за стекнување со нуклеарно оружје, додаде Трамп.

Американскиот претседател потести дека досега во неколку наврати побарал преразгледување на одредбите од Договорот, за што САД разговарале и со своите сојузници во Европа и на Блискиот Исток, бидејќи во него нема адекватни механизми со кои би се спречил Иран да лаже.

- Нуклеарниот договор со Иран не ги ограничува иранските дестабилизирачки активности, вклучувајќи ја и поддршката на тероризмот, истакна американскиот претседател.

Трамп во обраќањето соопшти и дека американскиот државен секретар Мајк Помпео е на пат кон Северна Кореја, во рамки на подготовките на неговата средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН - Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија.

Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.

Трамп жестоко го критикуваше документот во текот на предизборната капања, нарекувајќи го „страшен договор“ и најави повлекување на САД од спогодбата доколку биде избран за претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2018 22:55