Израел многу ја цени одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелскиот министер за одбрана Авигдоре Либерман одлуката на Трамп ја нарече „храбро лидерство“ што ќе го урне иранскиот режим.
Трамп претходно соопшти дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.
Трамп во обраќањето, што беше директно пренесувано на американските телевизии, го обвини Иран за поддршка и спонзорирање на тероризмот и за предизвикување хаос на Блискиот Исток.
Тој оцени дека „иранскиот режим“ не се придржувал кон обврските предвидени со Договорот, поради тоа и решил САД да се повлечат од него.
Трамп нагласи дека ако дозволи опстојување на Договорот, светот наскоро ќе се соочии со трка во нуклеарно вооружување на Блискиот Исток.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН - Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија. Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.