Советникот на американскиот претседател за безбедност Џон Болтон најави дека утре ќе има консултации со своите колеги од Велика Британија, Франција и Германија за следните чекори за Договорот за иранската нуклеарна програма.
- Сигурен сум дека денеска и во наредните денови претседателот (Трамп) ќе има телефонски разговори за Договорот за иранската нуклеарна програма. За Договорот утре ќе разговара со колегите од Велика Британија, Франција и Германија. Ние веќе имаме консултации, посочи Болтон на прашањето дали Вашингтон размислува за следните чекори за Договорот со Иран.
Тој додаде дека САД сакаат да бидат максимално транспарентни со сојузиците со кои преговарале пред денешната одлука на американскиот претседател Трамп за повлекување на Вашингтон од мултилатералниот договор и за возобновување на санкциите кон Техеран.
Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција, Германија и Велика Британија жалат поради одлуката на САД да се повлечат од Договорот за иранскатра нуклеарна програма.
Тој наведе дека Франција ќе работи на проширување на Договорот, кој ќе ги опфати нуклеарните активности на Иран, програмата за развој на балистички ракети и регионалната активност.
- Заедно ќе работиме на поширока рамка која ќе ја опфати нуклеарната активност на Иран, во периодот по 2025 година, балистичката активност и стабилноста на Блиски Исток, посебно во Сирија, во Јемен и во Ирак, напиша Макрон на Твитер.
Макрон наведе и дека со одлуката на САД доведен е во прашање режимот за неширење на нуклеарното оружје.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН - Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија. Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.