Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.
Трамп во обраќањето, што беше директно пренесувано на американските телевизии, нагласи дека санциите што ќе бидат воведени кон Иран ќе бидат од „највисок степен“, додавајќи дека со казнени мерки би можеле да бидат опфатени и други држави.
Американскиот претседател при тоа го обвини Иран за поддршка и спонзорирање на тероризмот и за предизвикување хаос на Блискиот Исток.
Тој оцени дека „иранскиот режим“ не се придржувал кон обврските предвидени со Договорот, поради што и решил САД да се повлечат од него.
- Нуклеарниот договор со Иран требаше да ги штити САД и нивните сојузници, но тој му овозможи да продолжи со збогатување на ураниум. Ниту една акција што ја презеде Иран не беше поопасна од неговите заложби за стекнување со нуклеарно оружје, додаде Трамп.
Прва реакција по објавувањето на одлуката на Трамп беше од Израел.
- Израел многу ја цени одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелскиот министер за одбрана Авигдоре Либерман одлуката на Трамп ја нарече „храбро лидерство“ што ќе го урне иранскиот режим.
Додека иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Техеран ќе се придржува до Договорот за иранската нуклеарна програма и покрај повлекувањето на САД од мултилатералната спогодба.
- Ние сега наместо договор со шест држави, сега имаме договор со пет, истакна Рохани, додавајќи оти Иран „нема да му дозволи на Трамп да победи во оваа психолошка војна“.
Европска унија од своја страна најави единствен одговор на одлуката на Трамп за Договорот со Иран.
- Европската унија ќе одговори со „единиствен глас“ на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, истакна првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск.
Виската претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, пак, ја повика меѓународната заедница да се придржува кон Договорот и покрај одлуката на Трамп.
Таа при тоа изрази „посебна загриженост“ поради најавата на Трамп за воведување нови санкции.
Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека Франција, Германија и Велика Британија жалат поради одлуката на САД да се повлечат од Договорот за иранскатра нуклеарна програма и најави дека Париз ќе работи на проширување на Договорот, кој ќе ги опфати нуклеарните активности на Иран, програмата за развој на балистички ракети и регионалната активност.
- Заедно ќе работиме на поширока рамка која ќе ја опфати нуклеарната активност на Иран, во периодот по 2025 година, балистичката активност и стабилноста на Блиски Исток, посебно во Сирија, во Јемен и во Ирак, напиша Макрон на Твитер.
Додека регионалниот противник на Иран, Саудиска Арабија ја поздрави одлуката на Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма и да ги возобнови санкциите кон Техеран.
Официјален Ријад ја повика меѓународната заедница да заземе цврст и единствен став кон Иран.
- Иран ги искористи економските придобивки... и ги употреби за продолжување на своите дестабилизирачки активности во регионот, посебно преку развивање на балистички ракети, се посочува во соопштението на официјален Ријад.
Во меѓувреме, генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш изјави дека е многу загрижен поради одлуката на Трамп и упати апел до земјите потписнички на Договорот да се придржуваат до преземените обврски.
- Од суштинско значење е сите грижи поврзани со примена на планот да бидат решени преку механизмот воспоставен со Заедничкиот сеопфатен акциски план. Прашањата што не се директно поврзани со Планот би требало да се решат без предрасуди за да се зачува Договорот и неговите достигнувања, посочи Гутереш.
Советникот на американскиот претседател за безбедност Џон Болтон најави дека Трамп денеска ќе има консултации со своите колеги од Велика Британија, Франција и Германија за следните чекори за Договорот за иранската нуклеарна програма.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН - Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија. Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.