Високиот комесар за човекови права на ОН, Зејд Раад Хусеин, денеска ја повика Турција веднаш да ја укине вонредната состојба за да создаде нормални услови за избори.
- Тешко е да се замисли како можат да се спроведат веродостојни избори во средина каде што различните мислења и несогласувања со владејачката партија се казнуваат толку строго, рече Хусеин.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган свика предвремени претседателски и парламентарни избори на 24 јуни. Во исто време, вонредната состојба беше продолжена по седми пат. Таа првпат беше воведена по обидот за државен удар во јули 2016 година и оттогаш е продолжувана на секои три месеци.
Во извештајот од март, Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ИНХЦР) ја критикуваше турската Влада за масовните апсења, за произволни отпуштања од работа и други злоупотреби, што во некои „случаи е еднакво на колективно казнување“.