Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис денеска изјави дека САД ќе продолжат да работат со сојузниците, за да гарантираат дека Техеран нема да се стекне со нуклеарно оружје.

- Ќе продолжиме да работиме рамо до рамо со сојузниците и партнерите, за да гарантираме дека Иран нема никогаш да располага со нуклеарно оружје и ќе работиме со другите против штетното влијание на Иран, посочи Матис пред сослушувањето пред буџетската комисија на Сенатот.

Тој додаде дека актуелната администрација останува ангажирана за безбедноста, интересите и благосостојбата на американските граѓани.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и дека повторно се воведуваат санкции од „највисок степен“ кон Иран.

Матис се осврна и на одностите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг, нагласувајќи оти има извесен оптимизам по ослободувањето на тројцата американски затвореници, кои се на пат кон дома.

- Мислам дека има основа за извесен оптимизам дека тие преговори можат да вродат со плод, истакна Матис, алудирајќи на планираната средба меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Претходно, американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека е договорено времето и местото на состанок на Трамп и Ким, а во следните денови ќе бидат објавени деталите.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2018 22:52