Француискиот претседател Емануел Макрон го повика претседателот на Иран, Хасан Рохани да им се приклучи на Франција, Велика Британија и Германија во придржувањето кон одредбите на Договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од спогодбата.
Рохани на Макрон во телефонски разговор му рече дека Европа има „ограничена можност“ да го зачува нуклеарниот договор со Техеран.
Во разговорот со Рохани, еден ден откако Трамп соопшти дека САД еднострано се повлекуваат од Договорот и оти повторно ќе воведат сандкции кон Иран, Макрон порача дека неговата цел е зачувување на регионалната стабилност.
- Францускиот претседател ја нагласи подготвеноста на Франција да продолжи да го спроведува Договор со Иран во сите аспекти. Тој истакна дека е важно Иран да го направи истото, соопшти Елисејската палата по разговорот меѓу Макрон и Рохани.
Двајцата претседатели се договориле „да ја продолжат заедничката работа со сите релевантни земји со цел примена на нуклеарниот договор и зачувување на регионалната стабилност“.
Макрон наведе и дека планира да одржи пошироки разговори со сите релевантни страни за развојот на нуклеарната програма на Иран после 2025 година, кога истекуваат клучните елементи од сегашниот Договор, како и за иранската програма за балистички ракети и за прашањата за Блиски Исток.
- Рохани во телефонскиот разговор наведе дека „во моменталните околности, Европа има многу ограничена можност да го одржи нуклеарниот договор и мора, што побргу јасно да го каже својот став и да ги соопшти своите намери во однос на обврските што ги има“, објавија иранските медиуми.
Иранскиот претседател на Макрон му рекол дека и правата кои Иран ги има во согласност со Договорот, а кои се поврзани со продажба на нафта, банкарство, инвестиции и осигурување, мора да бидат гарантирани на транспарентен и јасен начин.
Странските компании кои имаат договори со Иран, исто така мора да соопштат што одлучиле по повлекувањето на Трамп од Договорот, истакна Рохани во телефонскиот разговор со Макрон.