Воениот авион со тројцата Американци кои ги ослободи Северна Кореја утрово слета во воената база во близина на Вашингтон, каде ги пречека американскиот претседател Доналд Трамп.
- Сакаме да му се заблагодариме на Ким Џонг-ун, изјави Трамп поздравувајќи ги ослободените затвореници.
Тој истакна дека ова е „посебна ноќ за овие тројца навистина исклучителни луѓе“.
Боингот Ц-40 слетал во базата во 2:42 часот по локално време.
Американците беа ослободени пред околу 20 часа, за време на посетата на американскиот државен секретар Мајка Помпео на Северна Кореја. Тие ќе бидат префрлени во Нациоанлиот воен медицински центар каде ќе бидат дополнително прегледани.
Ослободувањето на Ким Донг-чул, Ким Хак-сонг и Тони Ким се смета за чекор на Пјонгјанг со кој покажува дека е подготвен да ги подобри односите со Вашингтон пред Самитот Северна Кореја - САД.