Поевтинување на свинските месни производи за 10 до 15 отсто или за околу 30 денари за килограм, најавија денеска преработувачите, поздравувајќи ја времената владина одлука за укинување на увозните давачки. Претставниците на месната индустрија очекуваат во наредните шест месеци, додека трае одлуката, да ги реализираат своите очекувања за зголемување на производството.
Според нив, со укинувањето на увозните царински давачки производителите на свинско месо нема да бидат загрозени зашто мерката не е стопроцентна, туку се однесува на ниво на 50 отсто од утврдените потреби за суровини.
- Првпат по толку години добиваме одлука која не спасува од тотален колапс. Капацитетите работат со 20 до 30 отсто, а воедно сме и дискриминирани во однос на странските увозници. Со новата мерка на Владата се покажа дека некој во оваа држава мисли и на индустријата на преработувачи на месо, изјави Слободан Кутревски од „Пекабеско“ по денешната седница на Групацијата за производство на месо и преработки од месо во Стопанската комора на Македонија.
Одлуката, дополни, не значи обезбедување субвенции или стимулации за месната индустрија, туку само изедначување на условите за домашните компании и извозниците.
- Владината мерка не е донесена за да загрози никого, напротив е само да се овозможи да функционираат сите заедно во државата, истакна Кутревски.
Влатко Ѓорѓиевски од „МИК“ Свети Николе напомена дека со ваквата одлука на Владата ќе се зголеми конкурентноста на домашната месна индустрија и таа ќе си го најде своето место на домашниот пазар.
- Заради дискриминаторскиот однос во минатото бевме гости дома и ги затворавме капацитетите еден по еден, посочи Ѓоргиевски изразувајќи надеж дека во следните шест месеци месната индустрија ќе успее да ги произведе оние количини што досега се увезуваа.
Проценките на преработувачите се дека поскапите свински производи како печеницата, вратот, пршутата, куленот и чајната ќе поевтинат повеќе од 30 денари, а производите како виршлата помалку.