Преговорите за формирање коалициска Влада меѓу италијанската десничарка Лига и Движењето пет ѕвезди добро напредуваат и наскоро би можел да биде постигнат договор.
- Направен е значаен напредок за составот на Владата и номинацијата за премиер, се наведува во заедничкото соопштение на двете партии.
Двете партии вчера од италијанскиот претседател Серџо Матарела добија дополнителни 24 часа за продолжување на преговорите за формирање влада.
Неименуван извор од канцеларијата на италијанскиот претседател за локалните медиуми изјавил дека Матарела е подготвен на Движењето пет ѕвезди и на Лигата да им даде уште време со цел да постигнат договор за формирање влада.
Извор близок до Движењето пет ѕвезди изјавил дека ќе им бидат потребни неколку дена за да постигнат договор.
Матарела претходно им предложи на политичките партии да поддржат „неутрална влада“ која би владеела до крајот на годината, истакнувајќи дека нема надеж во некаква политичка алијанса, но оти двете најголеми италијански партии го одбиле повикот.
Лигата и Движењето пет ѕвезди досега не успеаја да се договорат за формирање коалиција по изборите на 4 март, кои завршија без јасен исход, но заедно имаат доволно гласови за да можат во Парламентот да ја блокираат секоја друга влада која би дошла на власт.