Иако сметаат дека актуелната економска ситуација во Македонија е полоша од лани, повеќето германски инвеститори очекуваат подобри деловни резултати годинава во споредба со 2017-та. Тие не се задоволни од сузбивањето на корупцијата и криминалот, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација, но и покрај тоа, 72 отсто се изјасниле дека повторно би инвестирале тука.
Ова го покажува Анкетата 2017/2018 спроведена меѓу компаниите-членки на Македонско-германското стопанско здружение и Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Според Анкетата што беше презентирана денеска, околу 45 отсто од извршните директори на компаниите очекуваат подобрување, а само 12 проценти полоши макроекономски услови.
- Само седум отсто од компаниите ја оценија моменталната економска состојба како добра, а 50 проценти ја оценуваат како лоша. Кај компаниите има позитивното расположение во однос на очекувањата дека деловната клима значително ќе се подобри во тековната 2018 и тие се многу повисоки во однос на минатогодишната анкета, рече Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, презентирајќи ги резултатите од 12. Анкета за деловната клима во Македонија.
На прашањата за уловите во сопствената стопанска гранка и ситуацијата во сопствената компанија, одговорите, рече Мартенс, се многу слични на оние од минатата година. Компаниите редовно ја оценуваат сопствената деловна состојба подобро отколку општата макроекономска состојба.
- Вкупно 36 отсто од испитаниците ја оценија сопствената деловна состојба како добра, а само 10 проценти дадоа негативна оценка. Позитивни промени очекуваа 68 отсто од испитаните компании во однос на зголемување на продажбата, пет отсто стравуваат од пад на продажбата што е мало подобрување во однос на претходната година, 48 отсто очекуваат зголемување на извозот, а само четири проценти пад на извозната продажба, дополни директорот.
Прашањата поврзани со пазарот на трудот се со полоши оценки отколку претходните години. Истражувањето покажува негативни промени во достапноста на квалификуван работен кадар, квалитет на стручното образование и квалификации на работниците.
Во Македонија работат повеќе од 200 компании со германски капитал кои вработуваат 20.000 лица.