Компанијата ЕуроНикел, подружница на ГСОЛ во Македонија, денеска соопшти дека со тоа што Одборот на доверители дал позитивно мислење за стечајниот процес во кавадаречкиот комбинат ФЕНИ за овој индустриски капацитет се обезбедува успешна иднина надвор од стечајот и досега се вложени 70 милиони евра.
- Уште еден чекор напред означува 10 мај во стечајниот процес на ФЕНИ, при што одборот на доверители го разгледа и даде позитивно мислење, отворајќи го патот за презентација и спроведување, на планот за реорганизација на Фени АД Индустри - во стечај, поднесен од ЕуроНикел, подружницата на ГСОЛ во Македонија, се наведува во соопштението од Еуроникел.
Оттаму сметаат дека реорганизацијата на компанијата ќе доведе до успешна иднина за овој многу важен индустриски капацитет, обезбедувајќи долгорочна и одржлива иднина на вработените, добавувачите и заедниците околу ФЕНИ.
Од ЕуроНикел информираат дека веќе ја спроведуваат тековната соработка со ФЕНИ и ги финансираат платите и сите други месечни производни активности на фабриката, што довело до враќање на производството на ФЕНИ на меѓународните пазари на метали. Директорите Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис го предводат тимот на ЕуроНикел во Македонија, заедно со поддршка од меѓународни експерти.
Како што е наведено во соопштението, ЕуроНикел и нејзината матична компанија, ГСОЛ, веќе инвестираа над 70 милиони евра во обезбедувањето на иднината на ФЕНИ, со намалување на неизвесноста во процесот и обезбедување финансии за одржување на работата на фабриката и производството, што е клучен фактор за заштита на компанијата, нејзините вработените и добавувачи. Во исто време, ЕуроНикел и ГСОЛ, исто така, станаа најголеми доверители на ФЕНИ АД Индустри - во стечај, се наведува во соопштението.
- Задоволни сме што одборот на доверители изрази позитивно мислење во стечајниот процес, за кој што сме уверени дека ќе го обезбеди долгорочниот оперативен успех на ФЕНИ. Досега инвестиравме повеќе од 70 милиони евра и продолжуваме со нашиот план да го направиме ФЕНИ водечки производител на фероникел во Европа. ФЕНИ и вработените го имаат потребниот потенцијал за успех и со поддршката на ЕуроНикел, убедени смета дека ова ќе се случи. Со приклучување кон силна и искусна група компании од индустријата на фероникел, иднината на ФЕНИ е поддржана од голема меѓународна групација, која веќе брои повеќе од 1.500 вработени во овој сектор, велат од ГСОЛ.