Единствениот пазар на електрична енергија е најдобар начин за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот - производители, снабдувачи и трговци зашто за сите нив важат правилата. Конкурентноста создава простор за технолошки иновации и нови вложувања кај сите учесници. Тоа ќе значи конкурентни цени на струја за потрошувачите, како што покажваат искуствата на западноевропските земји каде функционира единствениот пазар на електрична енергија, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на Регионалниот форум на преносни систем-оператори од регионот на Југоисточна Европа што денеска се одржува во Охрид.

Заев оцени дека средбата е од исклучителчно значење ако се има предвид нејзината цел - креирање единствен пазар на електрична енергија и негово вклучување во Паневропскиот пазар на електрична енергија.

- Листата учесници на форумот, присуството на генерални директори, извршни директори, претседатели на управни и надзорни одбори на оператори на електропреносните системи од Македонија, Албанија, Србија, Бугарија, Грција, Косово, БиХ и високи претставници на управите на систем операторите од Хрватска и Словенија зборува за значењето на средбата и иницијативите што се очекува да произлезат од неа, рече премиерот.

Според него, за остварување на таа благородна цел што ќе биде од огромен бенифит и за граѓаните и за националните економии, огромно е значењето на размената на искуства за досега стореното и што останува да биде усогласено во исполнување на европските регулативи како патокази кон финалната одредница - вклучување на регионот во европскиот пазар на електрична енергија.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека форумот во Охрид е првиот чекор на патот кон содзавањето регионален пазар на електрична енергија.

- Крајна цел на сите активности е намалување на цените на електричната енергија во регионот и изедначување со цената на електричната енергија во Европа. Европа иако е поразвиена и побогата, денес има пониска цена на електрична енергија од нејзината пазарна цена во регионот. Намалувањето на цената на електричната енергија зависи само од инвестиции во електроенергетскиот преносен систем и добра соработка во регионот. Кога ќе ги собориме административните бариери за што ќе се разговара на овој форум и кога ќе се инвестира во капацитетите, паарот ќе го стори своето и цената во Европа ќе стане еднаква, односно пониска во регионот, рече Анѓушев.

Сите држави од ЈИЕ имаат свои берзи, но тие се практично нефункционални, волуменот на нивното тргување е мал и немаат поголемо значење. Македонија го решава ова прашање со новиот Закон за енергетика кој, како што рече Анѓушев, овозможува дополнителна либерализација на пазарот и формирање организиран пазар на електрична енергија.

- Се обидуваме да направиме исчекор и да направиме каплинг на пазарот на електрична енергија во Македонија. Во таа насока, подобрувањето на политичките односи со Бугарија, како една од точките на дискусија на заедничката меѓувладина седница во Струмица беше прашањето за каплинг на македонскиот и бугарскиот пазар на електрична енергија. Тоа значи изедначување на цената на електричната енергија со онаа во Бугарија, каде има пониски цени на струјата оттаму што Бугарија е нето извозник на струја, рече Анѓушев.

Генералниот директор на МЕПСО Сашо Василевски истакна дека Македонија како земја аспирант за членство во ЕУ мора да се придржува кон препораките на Унијата.

- Мотото на оваа средба „Да ги направиме границите мостови“ и присуството на сите регионални субјекти од електропреносните системи има за цел поевтина електрична енергија, истакна тој нагласувајќи дека земјава инфраструктурно нема технички пречки за нејзино вклучување во регионален пазар на електрична енергија, туку преостанува само надминување на одредени административни бариери.

Клучен предуслов за да се воспостави и профункционира единствен пазар на електрична енергија се преносните систем-оператори, надлежни и одговорни за стабилност и сигурност во управувањето со националните електропреносни системи.

Дискусиите на форумот во Охрид ќе бидат насочени кон јакнење и унапредување на меѓусебната соработката на преносните систем-оператори, преку размена на искуства за тоа што досега е постигнато и што треба да биде усогласено во заедничкото работење за спроведување на европските регулативи и постигнување на заедничката цел.

Покрај највисоките претставници на операторите на електропреносните системи на државите од регионот, на состанокот учествуваат и првите луѓе на регионалниот Центар за сигурносна координација (СЦЦ) и на „СЕЕ ЦАО“ зедничката компанија која организира аукции на расположливи прекугранични капацитети, како и претставник на „ЕНТСО Е“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2018 11:15