Судот во Милано го рехабилитира поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, отфрлајќи ги сите обвиненија против него во судскиот процес за измами на неговата компанија Медиасет, пишува денеска весникот „Кориере дела сера“.

Весникот тврди дека одлуката, која е донесена синоќа по седницата на судската комисија, му дозволува на 81-годишниот политичар, лидер на партијата „Форца Италија“, повторно да учествува на избори.

Претходно, според законот усвоен во 2012 година, со кој им се забранува на осудени лица да учествуваат во државно управување, тој не можеше да се кандидира на избори. Во 2013 година Берлускони доби конечна пресуда од четири години, која беше скратена поради амнестија до една година затвор, по обвинение за измама со цел да се избегне плаќање на даноци. Пресудата за лишување од слобода, поради неговата возраст, беше заменета со општокорисна работа.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2018 23:14