13 мај 2018
Капитал - Софија
Пентагон соопшти дека планира да користи самоуправувачки возила за воени операции и вежби. Мајкл Грифин, секретар за истражување и инженерство, на сослушувањето пред сенатори во Вашингтон, изјави дека ќе работат со самоуправувачки автомобили пред тие да влезат во масовна употреба.
Според Грифин, 52 отсто од инцидентите во воените зони се случуваат во логистички операции кои може да ги извршуваат автономни автомобили. Тој верува дека отстранувањето на човечкиот фактор и воведувањето технологии со вештачка интелигенција значително ќе ги намали инцидентите и смртните случаи, пишува Блумберг..
Предизвиците кои се пред Пентагон
Во моментов, голем број компании се натпреваруваат во производството на самоуправувачки автомобили. Технолошкиот старт-ап „Вајмо“, кој е сопственост на „Алфабет“ и произведителот на автомобили „Џенерал моторс“ планираат да влезат на пазарот за заедничко производство на самовозечки возила. „Убер“, исто така, тестира самоуправувачки камиони на автопати во неколку држави во САД.
Секоја од овие компании се среќава со строги регулации и Пентагон тешко дека ќе може да ги избегне, прогнозира Карлин Стенли, адвокат во РАНД. Стенли објаснува дека прописите во САД и во земјите каде што американската војска ќе биде испратена се многу различни. Пентагон ќе мора да биде одговорен за прописите поврзани со безбедноста, кибер-безбедноста, доверливоста и квалитетот.
Министерството за одбрана помогна да се развијат различни технологии како што се вселенските летови и интернетот. Грифин коментира дека Пентагон треба да ги искористи приватните компании во таа бранша, но не соопшти конкретно име. Агенцијата за развој на проекти на Министерството за одбрана во САД (ДАРПА) веќе неколку години инвестира во технологии за самоуправувачки автомобили, што е под надзор на Грифин за имплементација на стратегијата.
Голем буџет
Годишниот буџет на Пентагон изнесува околу 700 милијарди долари, што им дава можност за сериозни инвестиции. Од друга страна, армијата на САД инсистира на производство на самоуправувачки тенкови и подвижни уреди со вештачка интелигенција за неутрализирање на бомби.
Британската компанија „БАЕ Системс“, која произведува оклопни борбени возила за американската војска, исто така произведува и такви самоуправувачки возила. Еден од нивните најпознати производи е „Ајронклад“ - тенк, помал од стандардниот, наменет за евакуации и отстранување на експлозиви, пишува на сајтот на лондонската компанија.
Критики
Илјадници вработени во Гугл веќе неколку месеци бараат да биде запрен пристапот на Пентагон до технологијата за вештачка интелигенција на компанијата. Во 2017 година, секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис се сретна со раководството на технолошкиот гигант за да разговара за најдобрите начини за користење на клауд системот за кибер безбедност на вештачката интелегенција.
Од друга страна, таквите идеи, исто така, наидуваат на критики. Чарлс Данлап, професор по право на универзитетот Дјук, коментира дека технолошките групи ќе бидат ставени под голем притисок, бидејќи ќе треба да се целосно убедени во квалитетот и безбедноста на своите производи.