Премиерот Зоран Заев и претставници на канцеларијата на германската КФВ во Скопје денеска на средба во Владата на Република Македонија разговараа за тековните проекти што се реализираат со поддршка на банката во Македонија, но и за можностите за идна соработка.

На средбата, како што соопшти владината прес служба, било посочено на тековни проекти кои се реализираат од КфВ банката во Македонија како водоводни системи, пречистителни станици, обновливи извори на енергија, како и други инфраструктурни проекти.

Разговарајќи за можностите за идна соработка, потенцирајќи ги како најатрактивни и особено значајни проектите од областа на енергетиката, и тоа ветерните електрани, како и инфраструктурата и развојот на руралните средини, премиерот Заев истакна дека Германија е сериозен економски партнер на нашата земја со трговска размена од 3,6 милијарди долари во 2017 година.

Од двете страни е истакната заложбата за продолжување на соработката, што придонесува, и е од големо значење за продолжување на реформските процеси во Република Македонија, кои придонесуваат за финансиската стабилизација и економски напредок, како и развој на вкупните демократски процеси во земјата, со цел да се забрза пристапувањето на Македонија во Европската Унија.

На средбата е истакната досегашната исклучително плодна соработка меѓу Германија и Македонија, а како најсилна потврда е подвлечена поддршката што КФВ банката ја дава особено во сферата на животната средина, енергетскиот сектор, локалната инфраструктура, водоснабдувањето и отпадните води, како и за проектите за одржлив економски развој.

Соговорниците се согласија дека поддршката на германската групација КФВ, која се придружува кон меѓународните напори за поддршка на Македонија за забрзување на структурните реформи и обезбедување нов стимул за развој на бизнис климата, е од исклучителна важност и е во согласност со заложбата на Владата за заживување на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2018 11:51