Во Република Македонија од денеска во промет влегуваат новите полимерни банкноти од 10 и 50 денари. Со тоа книжните банкноти од 10 и 50 денари престануваат да бидат законско средства за плаќање и ќе може да се заменат само во комерцијалните банки.
Полимерните банкноти ќе може да се користат за готовински плаќања, како и за плаќања преку автомати за наплата, но откако фирмите што ги инсталираат овие автомати во Република Македонија ќе ги приспособат нивните софтвери за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари.
Основната разлика меѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност што се повлекуваат од оптек е материјалот што се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен.
Новите банкноти наместо водениот печат, што сега го содржат книжните, содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Кај апоенот од 10 денари претставен е стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.
Заштитниот конец кај полимерните банкноти ќе се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните банкноти, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“.
Од НБРМ оценуваат дека ваквите банкноти не се оштетуваат лесно, што не е случај со хартијата и имаат многу подолг век од хартиените.
Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг за 2,5 до три пати, а во некои случаи и за четири пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна.
- Полимерните банкноти не може лесно да се скинат при секојдневна употреба, ниту, пак, може лесно да се оштетат при допир со вода, а се и неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените. Мошне важно, супстратот од кој се изработуваат полимерните банкноти спречува апсорпција на нечистотија, со што овие банкноти не само што имаат подолг животен век од хартиените, туку се и похигиенски за употреба од страна на граѓаните, посочуваат од НБРМ.
Според НБРМ, покрај долгиот животен век на овие банкноти нивната употреба значи и заштеда на ресурси и средства бидејќи потребата од нови изданија со иста апоенска вредност во иднина ќе биде многу помала.
Полимерните банкноти како заштитен знак можат да содржат и транспарентен прозорец, што не е возможно кај банкнотите од хартија изработена од памучни влакна.
Граѓаните и правните лица доколку поседуваат книжни пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари ќе можат бесплатно да ги заменат за други пари или ковани пари во еквивалентен износ. Од 15 мај годинава до 15 мај 2019 година, ќе можат да ја извршат замената во деловните банки во Република Македонија. По 15 мај следната година, замената ќе може да се изврши исклучиво во Народната банка.
Кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари и натаму ќе бидат во оптек, односно и натаму се законско средство за плаќање во Република Македонија, поради што за нив не треба да се врши замена за други пари во еквивалентен износ.
- Влегувањето во оптек на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари на 15 мај годинава е значаен момент во работењето на Народната банка. Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на парите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии пари со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал, оценуваат од НБРМ.