Обвинител од романската Национална дирекција за борба против корупцијата побара пресуда од седум и пол години затвор за лидерот на владејачката Социјалдемократска партија Ливиу Драгнеа, кој е обвинет за поттикнување злоупотреба на службената положба.

Обвинителот исто така побара две и пол години затвор за Драгнеа под обвинение за измами со документи. Во исто време, тој инсистира условната двегодишна затворска казна на Драгнеа за изборни измами во случајот „Референдум“ од 2016 година да се трансформира во ефективна. Ако биде осуден, Драгнеа ќе треба да одлежи долга казна затвор, затоа што тие се спојуваат.

Драгнеа беше присутен на денешното последно сослушување во случајот, за време на кое беа презентирани завршните излагања на обвинителството и одбраната. Тој повторно ги отфрли сите обвиненија.

За истото дело покренато е обвинение и против поранешната сопруга на Драгнеа, Бомбоника Продана. Обвинителот побара да се прекине процесот против неа затоа што таа ја отплатила предизвиканата штета.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2018 12:57