За да се воведе ред во работењето на туристичките агенции и да се сузбие нелојалната конкуренција потребно е да се направат извесни промени во делот на лиценцирањето и осигурувањето на дејност.
Ова е генералниот став на туристичките работници и стопанските комори кои денеска дебатираа за потребата од промена на развојната програма во делот на класификацијата и стандардизацијата во туризмот и угостителството.
Од Здружението за угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија предлагаат за да се воведе банкарска гаранција од 100 илјади евра за туристичките оператори што според нив би влијаело врз саморегулацијата во овој сектор.
- Ова саморегулирање ќе значи дека доколку не работите согласно правилата, банкарската гаранција ќе значи активирање на одредени неправилности, односно доколку патникот покрене постапка или било која дојава за одредена неправилност влезе во процесот низ институциите, тогаш може да добиете одземење на лиценцата или активирање на банкарската гаранција. Ова е предложено од аспект на тоа што Државниот пазарен инспекторат не успева во изминативе години да реши одредени проблеми, рече Даниела Василевска-Михајловска од Стопанската комора на Македонија.
Со ваквиот предлог не се согласуваат од Стопанската комора за туризам на Македонија.
- Ние сме против ваквиот предлог бидејќи сметаме дека туристичкиот пазар е либерален и цената треба да се формира според понудата и потрошувачката. Доколку се внесе ваква гаранција би се создал монопол на пазарот и би профитирале само некои, а останатите би ги снемало. Целта е да има повеќе туристички субјекти за поголем развој на туризмот во Македонија, а не да се ограничиме само на некои, истакна Билјана Пејоска-Ристеска од Стопанската комора за туризам.
За дел од туристичките оператори наместо осигурување од дејност треба да се размисли за опцијата осигурување на аранжманите.
Во делот на лиценцирањето се предлага лиценците за работа да се ограничат на две или три години, иако по барање на коморите, претходно беа направени законски измени со кои во моментот лиценците се со неограничен рок.
Размислувањата изнесени на денешната конференција што се одржа во Скопје ќе бидат преточени во предлози и доставени до надлежните институции.