Жените се уште се малку на раководни позиции, а во одредени случаи за иста професија се помалку платени од мажите. Од Сојузот на стопански комори бараат следење на европските трендови за зголемување на уделот на жените во економијата и намалување на јазот во платите меѓу мажите и жените.

Предлагаат да се изнајде систем што ќе биде во функција на поинтензивно вклучување на жените на пазарот на труд, да се зголеми пристапот на жените до финансии и да се отстранат бариерите во општеството што се уште постојат.

- Жените не дека не прифаќаат да бидат на раководни функции, туку ние имаме проблем во основата на општеството затоа што немаме консолидација на институциите и услови една семејна жена да го згрижи своето дете за да може да ги извршува своите работни задачи, истакна денеска на прес-конференција Габриела Кулебанова, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според Кулебанова, потребна е стратегија за обезбедување на еднакви можности за жените особено на повисоките позиции бидејќи тие често се во позиција на работна сила на пониско ниво, а во одредени случаи работејќи ја истата професија како мажите се помалку платени за 12 проценти.

Статистиката покажува дека во Македонија, вкупниот број на вработени жени е 282 илјади од кои 76,3 проценти работат во приватниот сектор. Над 30 проценти од новите фирми во приватниот сектор се отворени од жени кои се застапени со 12 проценти на менаџерски позиции.

Според податоците на Светска банка, евидентиран е тренд на константно намалување на бројот на жените кои учествуваат на пазарот на труд. Така, во 2013 имало 44 проценти, а во 2017 година 42 проценти, додека на високи раководни позиции биле под два проценти.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2018 11:52