Македонските и бугарските мали и средни компании преку взаемна соработка може да привлечат од една до две милијарди евра од европските програми кои директно се управуваат од Европската комисија, порача Веселин Халачев, претседателот на Обединетите бизнис клубови (ОБК) од Бугарија и член на бордот на директори на Европската алијанса за мали бизниси ESBA (European Small Business Alliance) по денешното потпишување во Скопје на договор за соработка со Бугарско Македонскиот бизнис клуб (БМБК).
Согласно договорот, ОБК ќе им помага на членките на БМБК во поврзувањето со своите челенки, како и во создавањето можности за нови заеднички проекти и иновации.
- Нашата асоцијација има дирекција задолжена за европските фондови. Можам да кажам дека со заедничко партнерство можеме веднаш да привлечеме солиден капитал да влезе во македонската економија пред се за малиот и среден бизнис, но и за општините и локалните власти. Ако сме доволно активни со заедничка соработка можеме да привлечеме од една до две милијарди евра, рече Халачев пред потпишувањето на договорот.
Најголем дел од средствата, нагласи би дошле од програмата Хоризонт 2020 преку специјалниот инструмент за мали и средни претпријатија преку кој може да се добијат грантови во висина до 2,5 милиони евра.
- Неопходно е само да имаме доволно добри проекти за малиот и среден бизнис, а особено за иновации. Покрај тоа, ЕК нуди и средства за општините за меѓугранична соработка чија висина може да достигне и до 18 милиони евра преку програмата за интелегентни градови (Smart Cities и Smat Community), рече Халачев.
Претседателот на БМБК Никола Поп Илиев посочи дека со потпишување на договорот за соработка ОБК ќе им овозможи на членките на БМБК достап до евтини средства за поттикнување на разни дејности во Македонија, како во општествениот, така и во приватниот сектор.
- Ние сме ориентирани кон реалниот бизнис, а не кон бизнисот кој е поврзан со политичките структури. Фокусот на соработката главно ќе биде ставен на средните и на малите претпријатија кои својата дејност ја развиле по природен пакт, рече Поп Илиев.
Во Софија на 7 јуни годинава ќе биде организирана Втората балканска конференција за мали и средни бизниси во организација на ОБК и Бугарската агенција за промоција на мали исредни бизниси.